Бебето и неговиот говор на телото

Дали има подобро чувство од држење во прегратка на штотуку роденото дете?

Меѓутоа, ретко кога се прашуваме колку нашето ангажирање со детето во таа најрана возраст има влијание на развојот на неговите сетила и психомоторниот развој воопшто?

Уште во мајчината утроба детето е способно да ги прима и обработува надразнувањата од надворешната средина.Движењето на мајката,контактот со ѕидовите на матката, цицање на палецот, светлина и звук …се некои од стимулсите кои во тој период влијаат на формирањето и обликувањето на централниот нервен систем

А подоцна? Не е потребно да бидете професионално квалификовуни за да откриете како се развива вашето дете. Набљудувајте го вашето бебе и посветете се на него.

Обидете се да го допрете образот на бебето. Тоа рефлексивно ќе ја сврти својата глава кон вашата рака. Ова е природен рефлекс, прилагодлив (адаптивни) одговор, кој му помага на детето во бараањето храна.

Ставете играчка или прст во раката на бебето. Автоматски ќе предизвикате цврсто затворање на неговата рака. Тоа е исто така, рефлексна активност, која му помага на детето да се фати за нешто, за да не падне.

Инаку, бебето не може да ја отвори раката и да ги испружи своите прсти, па неговите рачиња најчесто остануваат затворени во првите месеци од животот.

Новороденчето покажува и одговор на дејството на гравитација. Информацијата за промените на положбата на главата во однос на телото доаѓа преку внатрешното уво.

Поради тоа, ако положбата на главата нагло се смени, на пример, кога главата паѓа наназад, доаѓа до ракција на целото тело. Детето нагло ги шири рацете и нозете, а потоа ги собира, како да би сакало за нешто да се фати. Тоа во медицината е познато како Моро рефлекс – во суштина е еволутивен рефлекс кој го гледаме и кај животните, а е неопходен за опстојување. Кога детето го држиме на рамена, ќе приметиме како пробува на кратко да ја подигне главата.

Со време овие адаптивни одговори се развиваат, па детето ќе може да ја подигне главата од подлогата, а наспроти гравитацијата – кога ќе го ставите да лежи на стомак.

Секоја мајка брзо учи дека држењето и нишкањето на детето помага тоа да се смири. Ритмичките покрети на нишкање исто така имаат многу значајна улога во организацијата и созревањето на централниот нервен систем. Моториката е многу битна за детскиот развој.

Затоа и односот кој мајката го остварува со детето е многу битен фактор за созревање на неговиот централен нервен систем и воспоставување на врската помеѓу мајката и бебето.

Едномесечното дете не успева да ги разликува покомплексните облици и контрасните бои, но сепак го препознава лицето на мајката и останатите битни личности во неговиот живот. Ќе забележите како го насочува вниманието кога ќе види луѓе во движење и играчки, и настојува  да ги следи – најпрво со очите, а потоа и со движење на главата.

На звукот од тропалка или човечки глас, еденомесечното дете најпрвин ќе одговори со смирување на моториката, а потоа и со вртење на главата кон изворот на звукот.

Со раѓањето се развиени и сетилата за вкус и мирис-имаат многу важна улога во текот на првиот месец. Цицањето е адаптивен одговор, поврзан со сетилата, и кај детето е развиен по раѓањето.

Значи, во првиот месец детето веќе развива голем број на различни адаптивни одговори. Многу од нив се изградени интраутерино, а по раѓањето детето ги развива како чувство за  гравитација, движење и допир.

Сето ова е важно да се знае, затоа што детето во тој најран период ни говори со телото, движењата, и е од големо значење да знаеме да го толкуваме тој говор на телото. Оние стимулации кои го смируваат детето и го прават среќно се добра основа за развој на сетилата, како и сопствената шема на телото.

Функциите на развој се одвиваат по одреден редослед. Кај некои деца тоа ќе биде побрзо, а кај некои поспоро, но генерално ќе ги следат типичните параметри. Затоа не е неопходно да биде професионално квалификувани за да откриете како кај детето се развиваат овие процеси.

Набљудувајте ги децата во спонтаните активности, но споредувајте ги и’ со нивните врсници. Воочете ги сличностите и разликите.