Јаглехидратите дебелеат

Начинот на исхрана е еден од најважните фактори кој определува што е она што вашиот организам ќе го користи како енергија. Денес постои поделено мислење за диетите со голема количина на јаглехидрати и мала количина на маснотии, па луѓето кои користат ваков режим на исхрана не губат од масните наслаги, дури и ако диетата е придружена со вежбање или други физички активности. Бидејќи поголемиот дел на јаглехидратите содржи многу малку масти или воопшто не ги содржи, тешко е да се поверува дека јаглехидратите можат да завршат во масните наслаги на телото.

Сепак, најмалку 40% од јаглехидратите кои ги јадете завршуваат токму таму. Со конзумирање на премногу јаглехидрати, дури и без никакви маснотии од страна, масните наслаги во телото ќе се зголемат. Причината за ова е што телото на тој начин ги користи и чува корисните материи од јаглехидратите кои ги конзумирате. Јаглехидратите, без разлика дали се во форма на бомбони или чоколадни колачи, го зголемуваат нивото на глукозата кога ќе се најдат во крвта. А шеќерот е шеќер, и телото не прави разлика.

Значи, ако конзумирате преголема количина на јаглехидрати, нивото на шеќер во крвта ќе се зголеми, што го поттикнува панкреасот да лачи инсулин. Инсулинот врши контрола над тоа каде ќе се складира шеќерот од крвта. Еден дел секако ќе биде искористен како енергија, а дел ќе биде сочуван во мускулите во форма на гликоген. Бидејќи организмот може да сочува само 2000 калории како гликоген, вишокот ќе биде сочуван како маснотија.

Инсулинот исто така ја спречува постоечката маснотија да излезе од местото каде што е складирана и да биде употребена како енергија. Ако редовно не ги согорувате постоечките масти, во континуитет ќе ги складирате јаглехидратите од храната како масти. Клучно е искористувањето на што повеќе од постоечките масни наслаги за енергија, односно, за да ја добиете и сочувате саканата телесна тежина, мора да го согорувате вишокот на шеќери и наталожени масти.

Горивото кое вашиот организам ќе го користи можете да го контролирате преку режим на исхрана, односно диета. На пример, ако конзумирате главно јаглехидрати, тогаш нивото на шеќер во крвта станува нестабилно, а неговото согорување станува недостапно за организмот бидејќи присуството на инсулин го спречува искористувањето на мастите како енергија. Затоа, ако избегнувате диети засновани на висока количина на јаглехидрати, а наместо тоа јадете пропорционално избалансирани количини на јаглехидрати, протеини и масти, вашето тело ќе може пропорционално да ги согорува масните наслаги.

Сите природни масти – како омега-6 кои се наоѓаат во растенијата и омега-3 кои ги има во рибите – се добри за вашиот организам ако ги користите умерено. Бидејќи ефикасноста на хемиските процеси кои се одвиваат во организмот тешко може да се измери, водете се од тоа како се чувствувате. Општите симптоми од презаситеност со јаглехидрати вклучуваат желба за спиење после оброците, желба за слатки, чувство на глад по само 2 часа од високо-јаглехидратен оброк, и потреба за постојано грицкање во текот на целиот ден.

Брзиот метаболизам согорува повеќе масти од телото со два пати повеќе енергија од јаглехидратите. Повеќе внесени масти значат поголема енергија, а ако имате правилен режим на исхрана ќе постигнете поголема општа издржливост, намалување на телесната тежина и зголемување на мускулната маса.

Ако не можете да поминете барем 4 часа без да јадете, а работите или тренирате, тогаш постои голема веројатност дека сте конзумирале премногу јаглехидрати. Затоа, внимавајте секој оброк кој го конзумирате да биде составен на тој начин што отприлика 45% од вкупниот број на калории да биде добиен од јаглехидрати, 30% од протеини и 25% од масти. На овој начин ќе бидете сигурни дека имате добро балансирана исхрана, и дека вашето тело ќе ги согорува токму оние маснотии кои треба да ги согорува како извор на енергија.