Македонска торта од костени лешници, послатка од чоколада … подготовка за само 30 минути

Тортата од костени и лешници е традиционален македонски десерт .

За да ја подготвите треба да набавите – 1 килограм варени, лупени и пасирани костени, 250 гр шеќер, 300 гр чоколада за готвење, 200 гр пржени и мелени лешници, 250 гр путер, 300 мл слатка павлака.

Потребно време за подготовка на овој специјалитет е 30-на минути, не сметајќи го времето за ладење.

Во тенџере на оган го ставаме шеќерот, додаваме 100 милилитри вода и мешаме со лажица. 200 гр чоколада ја кршиме на парчиња и ја ставаме да се топи на пареа. Откако шербетот ќе ја добие потребната густина, го тргаме тенџерето од оган.

Во сад за матење ги ставаме пасираните костени. Го додаваме шербетот и мешаме со лажица.  Потоа во садот ги додаваме мелените лешници и мешаме со лажица додека состојките не се соединат.

Во тенџере на оган ги ставаме парчињата путер. Садот со растопената чоколада го тргаме од оган и мешаме со лажица за чоколадата побрзо да се излади. Тенџерето со растопениот путер го тргаме од оган. Растопената чоколада ја додаваме во садот со костените и лешниците и промешуваме. Потоа во садот го додаваме растопениот путер и мешаме со лажица додека не добиеме хомогена маса.

Калапот за печење (може да биде во форма на срце) го обложуваме со најлонска фолија. Ја истураме смесата од длабокиот сад во калапот. Оставаме смесата да се излади и да се стегне.

Преостанатите 100 гр чоколада ги кршиме на парчиња и ги ставаме да се топат на пареа. Во садот додаваме масло за чоколадата да добие сјај. Стегнатата торта од калапот ја ставаме на чинија за торта и ја отстрануваме фолијата. Во сад за матење со миксер ја матиме слатката павлака се додека шлагот не ја добие потребната густина. Садот со растопената чоколада го тргаме од оган и мешаме со лажица за побрзо да се излади. Од растопената чоколада нанесуваме врз тортата.  Шлагот го полниме во готварски шприц. Со помош на шприцот со шлаг ги украсуваме страничните делови на тортата, како и средината на тортата.

На средината на Тортата од костени и лешници, врз шлагот ставаме неколку зашеќерени рози или украсуваме со костени или лешници. Декорацијата може да се заврши со лист од роза.