Природни домашни маски за раскошно убава коса

Освен користењето на шампони и регенератори, како дел од негувањето на косата треба да практикувате и: применување на советите за заштита на косата од негативни влијанија како топлина и силни хемикалии, редовно потстрижување и „хранење“ на косата. Косата може да ја „храните“ на два начина: внатрешно, преку храната која секојдневно ја консумирате и надворешно, преку маските за коса.

Маските за коса се брз и ефективен начин да ја потенцирате убавината на вашите прамени. А домашно приготвените маски за коса се најдобри затоа што од една страна се целосно природни, а од друга – евтини. Подолу ќе најдете неколку рецепти за маски кои ќе ја ревитализираат вашата коса и ќе ѝ го дадат потребниот блесок и цврстина.

За сува и оштетена коса:

Божествена маска со мед и млеко
1 презреана банана
5-6 капки бадемово масло
½ чаша млеко
1 лажица мед
Испасирајте ја бананата и кон неа додајте го бадемовото масло. Затоплете го малку млекото, колку за да можете да го растопите медот во него. Млекото со мед додајте го во смесата со бананата и добро промешајте.
Ставете ја приготвената маска на скалпот. Прво масирајте го скалпот, а потоа разнесете ја смесата надолу по прамените. Оставете ја да делува 20-30 минути. На крајот, измијте ја косата со шампон.
Ревитализирачка маска со авокадо и мајонез
1 авокадо
½ чаша мајонез
2 лажици маслиново масло
2 лажици мед
Испасирајте го авокадото. Додајте ги мајонезот, маслото и медот и мешајте додека не добиете хомогена смеса. Ставете ја маската на косата и масирајте 2 минути. Потоа, ставете најлонска капа и оставете ја смесата да делува 20 минути. Измијте со млака вода и шампон.

За мрсна коса:

Кисела маска за здрав блесок
1/3 чаша јаболков оцет
1 лажица мед
10 капки масло од лаванда
сок од еден лимон
Измешајте ги дадените состојки и мешајте додека не се растопи медот. Навлажнете ја косата (со помош на крпа отстранете ја преголемата влажност) и потоа ставете ја маската на скалпот, па разнесете ја надолу. Оставете ја да делува 20-25 минути и измијте ја косата со шампон.
Јаболкова маска за неверојатно мека и нежна коса
1 ситно рендано јаболко
2 лажици јаболков оцет
2 лажици сок од лимон
Во изренданото јаболко додајте ги оцетот и сокот од лимон и промешајте. Ставете ја смесата на скалпот и нежно масирајте. Разнесете ја маската и надолу кон врвовите, но сепак внимавајте најголем дел да остане на скалпот. Ставете најлонска капа и оставете ја смесата да делува 30 минути, а потоа исплакнете со вода и измијте ја косата со шампон.

За нормална коса:

Природна маска за сјај и мекост
2 лажици масло од рузмарин
1 лажица мед
1 јајце
Изматете го јајцето и во него додајте ги маслото и медот. Мешајте додека не се соединат. Ставете ја маската на главата и со врвовите на прстите лесно масирајте и разнесете ја смесата по целата коса. Ставете најлонска капа и оставете ја маската да делува 30 минути. Измијте со млака вода и шампон.
Заштитна маска за цврстина и хидратација
4 лажици маслиново масло
4 лажици мед
2 белки од јајце
½ краставица
Изматете ги двете белки од јајце и во нив изрендајте ја краставицата. Додајте ги маслиновото масло и медот и убаво промешајте. Нанесете ја смесата на главата и полека со прстите разнесете ја низ косата. Ставете најлонска капа и оставете ја маската да стои 30 минути. На крајот, измијте ја косата со шампон.

Најдобри состојки кои можете да ги искористите како маска за коса се: авокадо, банана, мед, јајца, маслиново масло, мајонез, глина, јаболков оцет. Земете кој и да било од набројаните продукти и нанесете го со масирање на скалпот и надолу по прамените. Ставете најлонска капа и оставете ја маската да дејствува 15-30 минути. Потоа, измијте со шампон. Резултатите ќе ги забележите веднаш, бидејќи вашата коса ќе стане мека, свиленкасто нежна и ќе придобие здрав сјај.

Совет: препорачливо е мајонезот и авокадото да се употребуваат за сува до нормална коса, а јаболковиот оцет, глината и јајцата за мрсна коса.